Денеска е потпишан Меморандум за соработка помеѓу Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија кој ќе овозможи побрзо закрепнување од последиците од корона кризата. Заедно со земјите потписнички ќе работиме на координација за обезбедување вакцина за ковид-19 и ќе отвориме зелени коридори за патување на нашите граѓани и економски оператори без потреба од ПЦР тестови, порача вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски откако денеска Северна Македонија, Србија и Албанија потпишаа Меморандум за соработка во услови на Ковид-19.
Дополнителнo донесовме одлука за меѓусебна поддршка при преоптоварување на здравствените системи како и соработка која ќе овозможи хоспитализација и лекување на било кој граѓанин на една од трите земји, а трошоците за лекувањето ќе ги покрие државата во која лицето ќе се лекува. Со тоа ќе овозможиме поголема сигурност за сите, истакна Николовски.
Со овој меморандум, го трасираме патот кон посилна соработка помеѓу нашите земји, градиме блискост и доверба во заедничката борба против коронавирусот, заклучи вицепремиерот.