Николовски: За првпат во историјата со ребалансот се намалуваат субвенциите за земјоделците

Ребалансот на буџетот што го предлага власта претставува сериозен удар врз македонското земјоделство. За првпат во историјата, со ребалансот се намалуваат субвенциите за земјоделците, што директно ја намалува финансиската поддршка која тие ја добиваат. Ова е целосен преседан, бидејќи досега секогаш со ребалансот се додаваа дополнителни средства, а сега, напротив, се кратат, рече пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски, на седница за ребаланс на буџетот.

Тој потенцираше дека податоците јасно покажуваат дека во 2023 година финансиската поддршка изнесувала 8,3 милијарди денари, додека во 2024 година таа е намалена на 6,7 милијарди денари, што претставува над 30 милиони евра помалку за земјоделците.

-Ова е штетно не само за земјоделците, туку и за целата економија, бидејќи земјоделството е клучен сектор за државата. Покрај намалувањето на субвенциите, сеуште не се исплатени дополнителните поддршки од претходните години, како што се оние за овчарите, козарите и градинарите во Струмичко и Преспа, како и поддршката за предадено јаболко, која е минимална и недоволна, рече Николовски.

Дополнително, Владата укина неколку важни програми, меѓу кои се програмата за мали земјоделци, новиот модел на субвенционирање којшто овозможуваше авансна исплата од 30% до крајот на годината, како и програмите за поддршка на млади и жени земјоделци.

-Намален е и буџетот за програмата за рурален развој, која треба да ги поддржува инвестициите во механизација, системи за наводнување и други инвестициски мерки. Исто така, укинат е лимитот од 18 милиони денари за директни плаќања, кој беше воведен во 2018 година за да се осигура правична распределба на субвенциите и да се поддржат малите земјоделци. Со оваа уредба, големите компании повторно ќе добиваат милиони денари, додека малите производители ќе останат со помалку средства, потенцираше Николовски.

-Оваа политика на Владата не само што ги укинува реформите и ја намалува поддршката за земјоделците, туку и ги фаворизира големите компании на штета на малите производители, рече Николовски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e