Николовски за МИА: Годинава најмалку 205 милиони евра вкупна поддршка во земјоделството

Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, во интервју за МИА, најавува „средување“ на земјишната политика, отворање три откупни центри, во Ресен, Скопје и Струмица, донесување неколку нови закони и јакнење на институционалните капацитети.

Министерот очекува годинашната вкупна поддршка во земјоделскиот сектор да надмине 205 милиони евра.
-Усогласувањето со заедничката земјоделска политика на ЕУ подразбира промена на домашната законска регулатива. Ќе се донесат три клучни закони за усогласување на националните политики со политиките за земјоделство на ЕУ – закон за директни плаќања, закон за рурален развој и закон за уредување на пазарите. Најавувам и нов закон за вино, нов закон за пасишта, нов закон за шуми, нов закон за ловство и закон за земјоделско осигурување, вели Николовски.

-Ова е пакетот закони на кои сериозно работиме и ќе правам притисок 2022-ра да биде година во која сите овие закони ќе бидат донесени.

Во однос на програмите – прв пат имаме посебна програма за органско производство, не во рамки на директните плаќања. Така вели Законот, таква е и европската практика. Имаме и посебна Програма за мали и средни винарии која веќе помина на Влада. Тука се и уште две нови програми – за поддршка и грантови на сите семејни производители на производи од животинско и неживотинско потекло, за оние на кои веќе им овозможивме да продаваат „од куќен праг“. Тие ќе аплицираат прку посебни програми.

Всушност, годинава очекувам вкупната поддршка која ќе оди во земјоделскиот сектор да надмине 205 милиони евра. Сé поголем е износот на капиталните развојни мерки и политики.

Лани, програмите на Министерството, заедно со капиталните инвестиции и ИПАРД Програмата во 2021 година надминаа 200 милиони евра.

Да се задржиме на поддршката за микро винариите. Со новата Програма се предвидуваат грантови од 10.000 евра…

Програмата за малите винарии се прави прв пат и моментно е проектирана на пет милиони денари, но нашата цел е да имаме отворен повик и сите барања што ќе ги исполнуваат условите, да се бориме во текот на годината да ги поддржиме. Навистина сметам дека е потребна поддршка на сите регистрирани и винарии.

Грантовите од 10.000 евра се предвидени за сите што сакат да инвестираат во опрема и капацитети, а опфаќаат и советодавна помоп, односно ангажирање енолози.

Инаку, од 1 јануари 2020 година во земјава се регистрирани 68 мали, микро, семејни винарии. Овој концепт беше многу оспоруван, а „големите“ сакаа да не се случи и го кочеле во изминатиот период. Но, ете, се случи. Всушност, од 1 јануари 2020 година имаме регистрирано поголем број производители на вино отколку во сите 30 години претходно. Тоа значи ставање на располагање на сите капацитети и ресурси, либерализацијат и поттик на сите што сакаат да се занимаваат со семејни бизниси, бутик винарии.

Би сакал да кажам и дека законот за вино ќе биде готов наредниот месец. Ова е проект што почна пред три години, а се работи за сосема нов, европски закон, појаснува министерот Николовски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e