Николовски во интервју за МИА: Земјоделците добија Влада која работи на брзо решавање на нивните проблеми

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски во разговор за МИА по повод првите 100 дена од стапувањето на функцијата потенцира дека земјоделците во Македонија добија Влада која интензивно работи на брзо решавање на проблемите и не ги дели по партиска припадност, Влада која им ги отвори вратите и покажа како треба да функционира државна институција.

– Кога дојдовме во Министерството се соочивме со целосна блокада, и човечка и институционална, со низа опструкции чија цел беше јасна – да се блокира работата на новата Влада и по цена тоа да биде на штета на земјоделците. Од друга страна, откривме како се трошеле народни пари од претходниот состав на МЗШВ, за шопинзи по бутици, за кафеани, журки по странски дискотеки. Веднаш се насочивме кон санирање на овие состојби, вели Николовски.

– Овие три месеци ние ги отворивме вратите за земјоделците, покажавме како треба да функционира една институција во функција на граѓаните, односно на земјоделците. Само преку отворен дијалог со сите чинители во секторот, можат да се постигнат посакуваните ефекти за развој на земјоделството, нагласува министерот.

– За 2018 година се предвидени 160 милиони евра субвенции, а ќе се исплаќаат според календар на активности, тогаш кога на земјоделците им се најпотребни. Анализите покажуваат дека досега никогаш во целост не се исплаќале субвенциите за тековната година, туку многу поголеми суми се исплаќале по основ на заостанати долгови од претходни години. Ние таа пракса ќе промениме, посочува Николовски и дополнува дека при исплатата ќе се води строга контрола субвенциите да завршуваат кај вистинските земјоделци.  Во периодот што следува интензивно ќе работиме на остварување на стратешките цели кои ќе гарантираат целосно искористување на развојниот потенцијал на земјоделскиот сектор, преку зголемување на земјоделските површини и приноси и подобрување на квалитетот и безбедноста на земјоделските производи. Тоа, пак, ќе значи и поголеми приходи за земјоделците. Нашата политика ќе биде насочена и кон зголемување на индустриско-преработувачките капацитети кои ќе бидат извозно ориентирани и ќе создаваат производи со повисока додадена вредност, а еден од клучните е и проектот за реонизација на земјоделското производство, подвлекува Николовски.

Тој утре, заедно со премиерот Зоран Заев и други владини претставници, патува за Израел каде, како што најавува, ќе има средба со својот израелски колега, но ќе го посети и научно-истражувачкиот ценар за земјоделство „Вулкани“.

– Ќе оствариме и средби со неколку израелски комапании, светски познати во областа на системите за наводнување. Овие средби се одлична можност да се запознаеме и да искористиме искуства кои ќе ни помогнат за развој на македонското земјоделство. Особено се добредојдени искуствата на Израел во делот на наводнувањето. Македонија за разлика од Израел има одличи климатски и почвени услови за земјоделско производство, кои треба да се искористат за да дадат максимум ефекти, информира Николовски во разговорот за МИА.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e