По притисокот од страна на македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и неговите колеги од регионот, хрватскиот министер за земјоделство, Томислав Толушиќ се откажал од зголемувањето на надоместокот за фитосанитарна инспекција на овошјето и на зеленчукот што се увезува во Хрватска од Македонија, Србија, БИХ и од Црна Гора, јавуваат хрватските медиуми.
Со тоа, цената на контролата по производ ќе изнесува 90 куни (12 евра) како и досега, наместо 2.000 куни (274 евра) по производ, како што предвидуваше новиот правилник усвоен на 15 јули годинава.
Македонското министерство најпрвин до хрватското Министерство за земјоделство достави нота за стопирање на Правилникот за контрола при увозот на овошје и зеленчук, потоа министерот Николовски имаше итна средба со неговите колеги во Сараево каде беа донесени заеднички заклучоци за новиот Правилник на Хрватска за увоз на зеленчук и овошје.
Завчера македонскиот и хрватскиот министер за земјоделство разговарале по телефон, а Николовски бил во постојан контакт со надлежните министри од Република Србија, Босна и Херцеговина и од Црна Гора.
Поскапувањата предвидени со новиот хрватски правилник усвоен на 15 јули се однесуваа само на земјите што не се членки на ЕУ, додека за тие во европската заедница беа предвидени дотогашните цени за фитосанитарна контрола.