Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска упатуви огромна благодарност до евроамбасадорот Гир и Делегацијата на Европската Унија за набавката на нова современа опрема, со која, како што рече, ни помогнаа да ги постигнеме европските стандарди во нашата национална ген банка.
-Ова е еден од најзначајните ИПА проекти за модернизација на националната ген банка, со вкупна вредност од 210.000 евра.Со новата опрема, за прв пат се воведуваат серолошки и молекуларни анализи по стандардни европски процедури кои се користат во светските ген банки. Дополнителна придобивка за државата е и тоа што со оваа нова опрема се овозможува испитувањата кои порано биле вршени во други земји, сега да бидат изведени во матичната институција, каде и се чува семето, со што ќе се зголеми ефикасноста и намалување на трошоците за овие анализи, порача Николовски.
-Во моментов се чуваат 721 примерок од 43 ботанички вида од кои 417 житни, 202 градинарски, 77 фуражни и 25 индустриски примероци. Нивните пасошки податоци се дел од Европската Датабаза EURISCO, вели министерот Николовски.