Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска го посети Влатко Симјонов, млад, посветен земјоделец, сточар од село Грљани виничко кој има околу 370 овци. Искористил грант за механизација трактор, и е добитник на поддршка од државата за поставување на фотоволтаични панели.

– Влатко ми посочи дека е многу задоволен од новата програма за мали производители за храна, и дека има во план да се регистрира како оператор со храна од животинско потекло, и да ги искористи придобивките од 10.000 евра грантови за опрема што како министерство ги нудиме. Основната субвенција од 30% на сточарите веќе ја добија, а на почетокот на март следуваат и останатите 70%, посочи Николовски.




Посетата на Виница, Николовски ја продолжи кај Наум Тренчевски од село Блатец. Наум е добитник на грант од програмата за неживотинско потекло преку која си има набавено систем за мрзнење на јагода со капацитет од 450кг/1час.

– Тука во Виница имаме многу успешни мали производители на храна кои ги поддржавме со грантови до 10.000 евра. За само една година успеавме во нашата цел, па така денес имаме вкупно 2508 регистрирани мали производители од животинско и неживотинско потекло. Поддршката за малите производители ја продолжуваме и оваа 2024 година. Се надеваме и очекуваме уште поголем успех, заинтересираност и секако, резултати за земјоделците, потенцира министерот.



Автентичното вино со мед е плод на уникатниот карактер на малата семејна винарија на Антонио во Виница. Антонио е професионален енолог, добитник на грант за набавка на опрема за модернизација на производството.

Министерот Николовски го потенцираше фактор дека токму во Виница има три мали семејни винарии добитници на грантови од 10.000 евра за набавка на опрема за производство.

– Само минатата година имаме регистрирани нови 91 мала семејна винарија а денес бележиме вкупно 173 мали винарии ширум државава. Уникатни мали семејни винарии имаме насекаде низ државата не само во Тиквешијата што е доказ за успешноста на оваа мерка. Нашата гордост и успешна приказна се развојот на малите семејни винарии. Продолжуваме и оваа 2024 година со силна поддршка токму за нив, додаде тој.

Денешниот ден Николовски, заедно со своите соработници Бачовски и Димковски го завршија на средба со земјоделците во Виница.

-Тука имаме успешни млади земјоделци и жени земјоделки. Сточари кои ја искористиле мерката за набавка на приплоден добиток. Имаме успешни земјоделци што преку програмата за рурален развој го модернизирале своето производство, поставувајќи системи за наводнување, изградиле силоси, или ја искористиле мерката за набавка на трактори, марките за грант поддршка на малите производители на храна и вино, како и повеќе од 25 успешни ИПАРД приказни, рече Николовски.

Тој додаде дека близу 26 милиони денари вкупна поддршка која земјоделците од Виница ја имаат искористено преку мерките што им се ставаат на располагање.
– Поддршката што се дава за малите производители на храна и малите винарии вроди со резултати, за една година имаме 2.508 регистрирани оператори со храна и 91 мала винарија. Од оваа година овозможуваме 100% зелена нафта за сите земјоделци. Продолжуваме да креираме мерки според потребите на земјоделците, преку кои постигнуваме одржливост и развој на македонското земјоделство, нагласи министерот.

