Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски е дел од владината делегација која е во официјална дводневна посета на Република Бугарија.
Соработката со Република Бугарија во делот на земјоделството е од особено значење за билатералната и трговската соработка на двете држави, истакна Николовски.
„Денеска во рамки на заедничката седница заедно со колегите министри од Република Бугарија, го одржавме првиот состанок со работната група за економија, енергетика, финансии, иновации и развој, инвестиции и земјоделство.
За нас како земја лидер во регионот по искористенот на ИПАРД програмите, е значајно искуството на Република Бугарија во имплементацијата на Инструментите за претпристапна помош во ЕУ.
Дијалогот што го започнуваме на експертско ниво за овие области и потпишувањето на меморандумите, ќе ја поттикне економската соработка помеѓу двете држави. Експертските тимови од двете држави, започнуваат со работа веднаш. Сигурен сум дека многу брзо ќе испорачаме резултати“, посочи Николовски.