Вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси и генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски упати честитка по повод денешниот празник св. Климент Охридски.
На сите православни верници и на Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, им го честитам големиот христијански празник – Св. Климент Охридски, основоположник на македонската духовност и патрон на МПЦ – ОА, посочи Николовски.
„Св. Климент Охридски е најистакнатиот ученик на солунските браќа св. Кирил и Методиј и учесник во извршувањето на познатата Моравска мисија. Во младоста ги изучил сите науки, а потоа го примил христијанството, откако за ова учење слушнал директно од устата на христовите апостоли Петар и Павле.
Денес го празнуваме 8 Декември – Денот на Св. Климент Охридски. Да се водиме од неговите духовни вредности и да ја славиме Охридската книжевна школа што нè обврзува на солидарност, мудрост и негување на цивилизациските вредности. Да го прославиме овој голем ден и да се потсетиме на неопходноста и придобивките од меѓусебното почитување, разбирање и помагање.
За многу години и честит празник!“, истакна Николовски.