Денеска во земјава се одбележува 20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во 2001 година.
Одбележуваме 20 годишнина од моментот кога заеднички одлучивме дека ќе ја реализираме заложбата за градење стабилна, инклузивна татковина која нуди еднакви можности за сите свои граѓани, истакна вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски.
„Охридскиот рамковен договор е нашиот симбол на помирувањето, нашата подадена рака како ветување дека сè што правиме, го правиме за подобар, помирен и поквалитетен живот на нашите граѓани.
Договорите како Охридскиот од 2001 и Преспанскиот од 2018 се манифестација на добрососедството и добронамерноста на нашите пријатели од меѓународната заедница. Тие претставуваат заложба и доказ дека нашата земја е значаен партнер и фактор за стабилноста на регионот кој мора да продолжи да биде позитивен пример за соживот, еднаквост и сплотеност“, посочи Николовски.

