„За само 2,5 години испорачавме и реализиравме многу мерки во интерес на граѓаните, не само стратешките цели и политики, туку конкретни мерки кои обезбедуваат повеќе пари и подобар живот кај граѓаните“, рече генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, на денешната трибина во Крива Паланка.
Нагласи дека почнале со укинување на таксите, на давачките, ги преполовиле казните, ги преполовиле трошоците за извршители и нотари.
„Денеска за ова не се зборува, не е тема, затоа што се релизирани, одиме напред, имаме нови политики кои се во интерес на граѓаните“, рече Николовски.
Додаде дека концептот за враќање пари кај граѓаните дава одлични резултати и на тоа сме горди.
„Минималната плата е зголемена за само 2,5 години за над 60% процени. Ја зголемивме на 14.500 денари а од наредната година ќе достигне и до 16.000 денари. Над 90 илјади семејства, работнички семејства, добиваат повисоки приходи. Дополнително, просечната плата ја зголемивме за 2 илјади денари. Е тоа е прав пат. Затоа на 12 април убедени сме, добиваме чист мандат“, порача Николовски во своето обраќање на граѓанската трибина „На прав пат“.
Тој посочи дека за првпат, после многу години овој регион кој не поврзува со ососедна Бугарија, односно со ЕУ, добива на значење и упати благодарност до Владата и сите министри што го поддржаа градењето на патото Крива Паланка – Ранковце и Крива Паланка – Деве Баир.
„Се градат и ќе се градат многу локални и регионални патишта. Само за една година се изградија 17 километри регионални патишта, а многу од нив за првпат после 40 години. Ќе се гради нов кат на детската градинка, добивме ново амбулантно возило и нови апарати во болницата. Започнува изградба на нов систем за наводнување во Славишко поле, но има и инвестиции. Токму денеска е реализирана трансакцијата со која се купени халите во Псача и Гиновце ќе се подигнат капацитети кои ќе вработуваат луѓе и горди сме што успеавме да убедиме реномирани инвеститори да дојдат во нашиот крај. Верувајте, тоа е единстевиот пат за младите да ги задржиме овде“, истакна Николовски