Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска ја посети винаријата Камник, која е успешна ИПАРД приказна.
– Токму од овде, од винаријата Chateau Kamnik Winery, сакам да го најавам првиот јавен повик од ИПАРД 3 кој е со најголем буџет до сега од над 30 милиони евра. Имаме со што да се гордееме! Лидери сме во регионот по инвестиции од ИПАРД програмата, меѓу кои има и инвестиции во винската индустрија! Една од нив е и винарската визба Камник, која преку ИПАРД 2 програмата е корисник на средства во износ од 14 милиони денари за набавка на опрема за винарство и складирање на вино. Камник е една од водечките винарски визби, која ја препозна можноста на ИПАРД програмата и успешно ги искористи средствата за модернизација на производството, порача Николовски.
-Први во регионот почнуваме со ИПАРД 3 програмата и буџет кој е зголемен за 62%. На располагање имаме вкупно 120 милиони евра, додава министерот.
