Владата, на последната одржана седница, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопансство, донесе Одлука за определување на јачменот како земјоделски производ, за којшто се однесуваат интервенциски мерки.
Со одлуката се овозможува поддршка за складирање од род 2023 година, заради нарушување на односот помеѓу понудата и побарувачката и стабилизација на пазарот со јачмен, што значи обезбедување пониска цена за складирање или покривање на трошоците за складирање на јачменот.
Владата донесе и Уредба за изменување и дополнување на Уредбата за постапката за доделување на финансиска поддршка за складирање на земјоделски производи, а со којашто покрај пченицата, се додава и јачменот како земјоделски производ за којшто ќе се овозможи да се добие финансиска поддршка за складирање.
Станува збор за зголемување на поддршката за складирање за пченица и јачмен од 60 денари на 120 денари по тон за месец, со вклучен ДДВ.
-Овозможуваме субвенционирање на складирање на пченицата и јачменот во складишните капацитети од девет месеци, што значи 120 денари по тон, од месец. Тоа е поддршка за сите земјоделци, вели Николовски.
Посочи дека оваа мерка е преку Програмата за директни плаќања, а е со цел на земјоделците да им се обезбеди поголема сигурност и да ги продадат пченицата и јачменот тогаш кога сметаат дека се најдобри откупните цени.
