Николовски: Не гледам потреба за широка коалиција со ВМРО-ДПМНЕ

Не гледам потреба за широка коалиција, посебно не кога имаме јасен победник на изборите со повеќе опции и варијанти за составувањето на новата влада вели генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски во интервју за Локално.
За информациите дека е можно да се прифати премиер на ротација, Николовски смета дека ова не е време ниту за нови предвремени избори, ниту за технички влади, ниту за ротации.

– Ова е време за стабилна влада која ќе одработи цел мандат за доброто на граѓаните, влада фокусирана на економијата, правдата и преговорите со ЕУ, посочи тој.

Дел од јавноста коментира дека најголемиот губитник од овие избори се двете македонски партии, додека ДУИ е најголемиот победник со освоените 15 мандати. На што мислите дека се должи овој резултат на вашиот коалиционен партнер и дали можеби ја преценивте силата на Беса?

– Овие избори беа специфични од многу причини, меѓу кои ковид кризата како најголема. Истото имаше големо значење и влијаеше значително на излезноста во поголем број изборни единици, а поради донтовиот модел едноставно, резултатите се такви какви што се. Секогаш е најдобро граѓаните масовно да се излезени и да го користат своето гласачко право.

Не се сложувам воопшто дека Македонските партии се губитници, јасно е дека коалицијата Можеме и СДСМ се победниците од изборите.

ДУИ решија да играат на неостварливо популистичко решение со кое привлекоа повеќе гласови и во албанскиот блок освоија најмногу гласови. Сепак, дали ваквите трикови ќе им се исплатат долгорочно е друго прашање.

А што се однесува до нашите коалициони партнери, знајте дека ова е прв пат да имаме ваква мултиетничка коалиција, најширока коалиција било кога, успех за демократијата сам по себе. Првата коалиција меѓу партија во која членството е доминантно македонско и партија во која членството е доминантно албанско.

Со тоа се сруши еден важен стереотип и се отвори нов пат за нови политички сојузи базирани на заедништво, во иднина.

Би прифатиле ли широка коалиција со ВМРО-ДПМНЕ со цел да се избегнат условувањата од ДУИ за тоа Зибери да биде мандатар?

-Не гледам потреба за широка коалиција, посебно не кога имаме јасен победник на изборите со повеќе опции и варијанти за составувањето на новата влада.

ВМРО-ДПМНЕ најпрво треба да обезбеди демократија за своите трудољубиви членови кои не можат да дојдат до израз во така заробена партија, па потоа да обезбедува и придонесува за иднината на нашата земја, најважно е прво да се реформира внатрешно, да согледа зошто губи на три изборни циклуси по ред, да расчисти целосно и недвосмислено со со штетните политики на Никола Груевски и неговото наследство.

Ќе зборуваме со сите политички чинители кои прифаќаат да се приклучат на патот кој води напред, односно европскиот пат, патот на правдата и економијата пред се. Мораме да ги обезбедиме тие работи за нашите граѓани!

Целото интервју на следниов ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e