Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска заедно со делегацијата од Азербејџан се во посета на битолското село Егри каде на терен го проследија првиот завршен проект за консолидација во државата.

-Директно од терен им го пренесуваме нашето искуство во процесот на консолидација на делегацијата од Азербејџан. Денеска сме во посета на Егри-првиот завршен проект за консолидација во државата, и ќе им помогнеме на нашите пријатели од Азербејџан како најлесно да се справат со сите предизвици, и како да го спроведат окрупнување на земјиштето во нивната држава, порача Николовски.

-Топло добредојде од жителите на Егри, не пречекаа со вкусна македонска традиционална храна подготвена од вредните домаќинки, и ни споделија ред позитивни искуства и успешни приказни од спроведувањето на консолидацијата, додава министерот.
Окрупнувањето на земјиштето на 214 сопственици и изградба на инфраструктура, нови пристапни патишта до нивите, и наводнување до секоја земјоделска површина гледаме денес во Егри. Среќен сум што сме позитивен пример по кој ќе се води Азербејџан низ процесот на консолидација.

Преку проектот на МЗШВ што започна во март 2017 година со поддршка од Европската Унија и ФАО се заврши изградбата на 8.4 км нови канали за одводнување, 3 км нов систем за наводнување и 11 км нови тампонирани патишта во консолидационото подрачје.
