Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска е на терен. Имено тој посети едно фармерско семејство во велешкото село Црквино.
-Сакам да им се заблагодарам на моите денешни домаќини Боби и Сашка и на нивниот син Никола кој е регистриран млад земјоделец. Денеска, дојдов на нивната фарма за лично да им кажам дека им се исплатени субвенциите за млеко и да им врачам два договори за набавка на високо стелни јуници. Ова семејство веќе поседува околу 160 висококвалитетни грла и сега, со нашата поддршка ќе ја зголеми фармата со уште 64 грла, порача Николовски при посетата.

Николовски вели дека со мерките кои ги превземаат како надлежно министерство ќе се поттикнат уште повеќе сточари да го зголемуваат производството, и млади луѓе да се занимаваат со сточарство како гранка која е профитабилна и просперитетна.
-2022 година е година на историски највисока набавка на високопедигрирани грла добиток, со рекорден интерес кај сточарите за мерката 121. Со измените и олеснувањето за аплицирање на мерката за набавка на добиток ги мотивираме сточарите и им ја даваме потребната поддршка. Сега е многу полесно за нив. Навистина ме радува фактот што директно на терен ги гледам резултатите. Денес зборуваме за нови 3842 грла педигриран добиток, 130 потпишани договори и над 253 милиони денари инвестирани во сточарството, резимираше Николовски.
