На денешниот состанок со министерот за правда Бојан Маричиќ, и претседавачот на работната група која го подготвува новиот Кривичен законик, академик Владо Камбовски, разговаравме за повеќе теми поврзани со мојата функција, вклучително и за измените на Кривичниот законик, истакна Љупчо Николовски, вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси.
„Меѓудругото законските измени, предвидуваат заострување на казнената политика за кривични дела кои се поврзани со носители на јавни функции, и очекуваме новото законско решение значително да влијае врз спречување на корупцијата и финансискиот криминал. Од работната група ми посочија дека до средината на овој месец, измените ќе бидат подготвени и доставени до Министерството за правда.
На состанокот, се согласивме дека е потребна интензивна и редовна координација со сите надлежни институции, бидејќи само така можеме да постигнеме позитивни резултати и да имаме функционални закони.