Иднината на македонското лозарство и винарство се создава во винарските визби на големите и малите произведувачи, но особено во последниве години, малите семејни винарии се оние што го доживуваат својот подем. Бележиме раст и кај регистрираните винарски визби, со зголемување од 55 отсто вкупен капацитет за преработка на вино кој достигнува до околу 200 милиони литри, што е речиси два пати поголемо од годишното производство на вино, напиша министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на својот фејсбук профил по денешното отворање на саемот „Винска визија на Отворен Балкан” во Белград.
-Чувството е прекрасно кога го гледам големиот интерес на посетителите на нашите македонски штандови и нивното задоволство од убавината на нашето македонско вино, истакнува министерот.
Според него, Отворен Балкан нуди нов, поголем пазар за нашите македонски земјоделски производи, но и за македонското вино.

Саемот беше отворен во присуство на српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски и албанскиот премиер Еди Рама. На Саемот има преку 330 учесници од 22 земји. Земјава се претставува под слоганот „Вкуси го животот”, со 42 винарии, три дестилерии и десетина производители на храна.

