Вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски соопшти дека денеска Владата на РСМ го усвои и ќе го предложи во собраниска процедура предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за јавни претпријатија со кој го намалуваме бројот на членови и висината на надоместокот во управните и надзорните одбори во јавните претпријатија!
„Секој управен одбор на јавно претпријатие ќе содржи максимум седум, односно пет членови, во зависност од бројот на жители на општината во која дејствува, додека секој надзорен одбор ќе биде составен од 3 членови“, истакна Николовски.
Николовски нагласи дека надоместоците за членовите на управните одбори нема да бидат повисоки од половина од просечната плата, а надоместоците на членовите на надзорните одбори ќе изнесуваат максимум една третина од висината на просечната плата на вработените во јавното претпријатие.
„Ги надминуваме детектираните слабости, бираме стручни кадри кои ќе работат транспарентно и професионално и го рационализираме и контролираме трошењето на државните средства“, посочи Николовски.
