Вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски денес заедно со градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски ги посетија опожарените подрачја.
Солидарноста како човекова доблест и наша одлика како народ и општество е исклучително важна во овој период, особено за нашите граѓани кои претрпеа големи штети со пожарите, истакна вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
„Иако пожарите кои ја зафатија нашата татковина предизвикаа огромни штети, жителите од погодените подрачја претрпеа ненадоместливи штети, никој не е оставен сам на себе, државата е тука за секој човек во тешките моменти.
Денес, со градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, заедно ги посетивме опожарените подрачја и се запознавме со ситуацијата на терен. По направените проценки, Владата ќе издвои директна помош, но и дополнително ќе поттикне донаторска помош со која на граѓаните ќе им се овозможи полесно да се справат со настанатите загуби“, посочи Николовски.
Николовски нагласи дека сите работиме заедно, се солидаризираме и координираме, ги детектираме местата каде состојбите се најкритични и преземаме сѐ што е потребно, сѐ што е во наша моќ за санирање на состојбите.
„Како што најавивме, Владата, целото солидарно македонско општество ќе ги санира штетите кои ги претрпеа граѓаните, за животот полека да може да се враќа во нормалата.
Ова се заеднички загуби и заеднички ќе ги санираме, како што доликува на едно солидарно општество!“, потенцираше Николовски.



