Во рамки на дводневната официјална посета на Босна и Херцеговина, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска потпиша Меморандум за соработка во областа на земјоделството со министерот за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина, Мирко Шаровиќ. Потпишувањето на Меморандумот претставува чекор напред во реализација на утврдените активности од заеднички интерес, за чие што успешно остварување во наредниот период треба да работат тимови од двете земји. На билатералната средба, министерите Николовски и Шаровиќ, се договорија тимовите од двете земји да се формираат што поскоро, за да почнат со конкретни чекори. Со Меморандумот е предвидено унапредување на трговијата со земјоделски и прехрамбени производи меѓу двете земји, што подразбира создавање на услови за непречена трговија и отстранување на евентуални бариери, олеснување на контактите меѓу заинтересираните фирми за трговска соработка со организирање на поинтензивни средби на Стопанските комори, настап на меѓународни саеми за земјоделство. Воедно, двете земји ќе работат и на организиран настап на трети пазари, како што е пазарот на НР Кина. |