Пратеникот и поранешен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски вчера заедно со претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, како и градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски и претставници од општината го пуштија во употреба реконструираниот „Виолетов мост”.
Мостот е дел од проектот за обновување на градските мостови, кој вклучува и реконструкција на „Осички мост” и „Шанин мост”, со вкупна инвестиција од 26.000.000 денари.
– Денес го пуштивме нашиот обновен виолетов, а сега модерен бронзен мост. Мостот на моето детство и на моето маало.
Меѓу сите, особено ми значи личната борба и поддршка од колегите во Владата во 2023 година токму за овој проект кога за Крива Паланка обезбедивме рекордна дотација, како и секоја друга година, од 40 милиони денари за обнова и редизајн на овој и на сите мостови во градот.
Владите предводени од СДСМ обезбедија историски рекордна поддршка за новата визија и концептот за грижа и равој на мојот регион, рече Николовски.
Со оваа динамика, до крајот на 2024 година, пет мостови во Крива Паланка ќе бидат целосно обновени и ставени во функција за граѓаните.