Вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски истакна дека институциите постапуваат по задолженијата за дигиталната трансформација.
„До крајот на август сите измени и дополнувања на потребните закони за дигитализација на процесите ќе бидат подготвени и доставени до Собранието!
Оние процеси за кои нема опција да се дигитализираат, односно онаму каде е неопходно човечко присуство од страна на надлежни органи, ќе се регулираат преку видеонадзор и боди камера, како механизам за превенција од коруптивни дејствија. Работната група веќе работи на изменување и дополнување на законите потребни за дигиталната трансформација.
Паралелно, на денешната владина седница донесовме одлука за формирање на уште една работна група за дефинирање и усогласување во делот на набавката на потребната опрема за дигитализација.
Дигиталната реформа е клучна за сузбивање на корупцијата, за брзи и ефикасни услуги кон граѓаните. Преземаме храбри чекори и одлуки за институции во служба на граѓаните, за подобар живот на сите“, посочи Николовски.
