Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски е домаќин на делегацијата од Република Азербејџан предводена од Шахмар Мовсумов, помошник на претседателот на Република Азербејџан и раководител на Одделот за економски прашања и иновативна развојна политика на Претседателската администрација, и министерот за земјоделство на Република Азербејџан, Мајнун Мамедов.

– На денешната билатерална средба отворено го споделивме нашето позитивно искуство со консолидација на македонското земјиште. Ги пренесуваме сите знаења и бенефиции што произлегуваат од окрупнувањето на земјиштето, а придобивките од истите ќе ги презентираме и лично на терен пред високата Азербејџанската делегација. Според Food and Agriculture Organization of the United Nations (FAO) нашата земја е лидер во регионот во решавање на проблемите со малите фрагментирани парцели, кои оневозможуваат примена на современи технологии и унапредување на производниот процес. Бенефитите од успешно завршените проекти се многукратни, поголема ефикасност и профитабилност на производството, како и можност на земјоделците да инвестираат во модернизација и зголемување на обемот на производството.
Овие денови ќе го запознаеме мојот колега со сите мерки и процеси кои ги спроведуваме како министерство заедно со ФАО, и информираше Николовски.

На средбата се разговарало и за извоз на убавото македонско јаболко во Азербејџан, како и извоз на други наши производи од преработувачката индустрија.
– Ја зајакнуваме соработката со Азербејџан и со задоволство ќе помогнеме, и ќе го пренесеме целото искуство во спроведувањето на консолидацијата, дециден е Николовски.
