Денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски заедно со Заменик на Претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и координација со економски ресори, г-дин Кочо Анѓушев, и претставници од бизнис заедницата, учествуваше на тркалезната маса насловена како “Состојби, предизвици и перспективи на индустријата за производство на месо и месни производи”.
“Сакам да потенцирам дека министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, стои на располагање за помош во тоа што е наша надлежност, а што е во насока на унапредување на месната индустрија”, вели министерот.
“Во периодот што следува Владата на Република Македонија, континуирано ќе работи на воведување на мерки кои ќе значат паралелен развој на примарното производство на свинско месо и месната индустрија. Преку планираната директна финансиска поддршка од 160 милиони евра годишно и со планираните земјоделски политики, ќе овозможиме зголемување на домашното производство на свинско месо, а со тоа и задоволување на потребите на месната индустрија со суровина.
Владата на Република Македонија воведува сериозна политика за развој на земјоделството, која ќе биде континуирана во делот на интервенциите и субвенциите, секогаш кога тоа ќе биде потребно. Сите мерки што ќе бидат предвидени, секогаш итно ќе се имплементираат навреме, за да не се предизвикуваат дополнителни последици. Ќе бидеме отворени за дијалог и со сточарите и со бизнисмените, бидејќи само така низ континуирани разговори ќе се донесат квалитетни решенија во интерес на двете страни” изјави Николовски на тркалезната маса.