Предизборната кампања на СДСМ и коалицијата во Изборната единица 3, за парламентарните избори започна вчера од Крива Паланка со вистински спектакл и богата програма, салата беше претесна да ги собере граѓаните, се бараше столче повеќе.
Коносителот на ИЕ 3, Љупчо Николовски, ја претстави својата програма пред своите сограѓани и нагласи дека не случајно тргнува од Крива Паланка, од непобедливиот бастион на СДСМ или како што би рекол Николовски:
“Денеска е гордост да си од Крива Паланка. Да се донесе Европа дома, во родното место е врв на европскиот и модерен патриотизам. Нема нешто подобро од дома да се тргне во уште една борба во која имаме јасна визија, а тоа е членство на Македонија во ЕУ до 2030 година.
Не се заборава никогаш својот град, својот народ, дека ако се сака и ако се пружи можност и ако се знае, може да се искористи историска шанса и едно мало место, отсечено и заборавено од сите структури за кратко време да биде во фокусот и да стане најевропско и најмакедонско гратче.”
Николовски најави визија за развој, обезбедување крупни проекти и инвестиции незапамтени досега, но обезбедување придобивки за сите: “и за тие што не’ поддржуваат, но и за оние што не’ критикуваат.”
Јасно и децидно стави до знаење дека нема намера да запре во градењето на еден нов концепт, нова политичка култура на градење на мостови и пријателства и помагање на секој заради тоа што секој поединец е важен.
Според Николовски иднината е во рацете на нова генерација политичари која покажа дека може да реши дипломатски спорови кои не успеаја да ги решат сите светски политичари заедно, а за тоа чекавме повеќе од 3 децении.
Сосема нетипично за нашите политичари, Николовски со самокритичност истакна дека СДСМ има доблест да признае дека кој работи, понекогаш и греши.
“Направени се некои кадровски погрешни одлуки каде одредени луѓе покажаа дека не им се битни граѓаните, туку личните сметки. Нашата цел е да ги поправиме грешките и да ги оствариме стратешките цели. Неколку луѓе нема да не’ обесхрабрат.” – изјави Николовски.
Пораката до гласачите беше дека не смееме да заборавиме како ни беше пред седум години и каде бевме тогаш, а каде сме денес. Заедно ги донесовме демократијата и слободата, заедно ќе ја донесеме и европската иднина.