Денес одбележуваме 80-годишнината од основањето на Првиот скопски партизански одред кои основајќи ја Првата партизанска единица, на 22 август 1941 година и спротивставувајќи се на фашистичкиот окупатор покажаа неверојатна храброст, иницијативност и огромна пожртвуваност ставајќи ги пред себе, слободата, мирот и просперитетот на сите граѓани подеднакво, како најголеми приоритети, истакна вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
„Големиот јубилеј е ден кога го славиме почетокот на една голема борба, ден кога започна и подоцна се прошири организираното Народноослободително востание против фашистичкиот окупатор, со формирање на партизански одреди, баталјони, дивизии во повеќе градови на нашата држава“, посочо Николовски.
Николовски нагласи дека денеска ги славиме имињата на десетиците партизани и партизанки, кои со златни букви се запишани во страниците на нашата историја, и ние, одржувајќи пријателски односи со соседите, меѓународно почитувани, како безбедна и стабилна членка на НАТО, стремејќи се кон полноправно членство во Европската Унија, ја покажуваме историската одговорност да ја продолжиме идејата на нашите херои, на партизаните кои несебично се жртвуваа да ја донесат слободата, не гледајќи разлика меѓу луѓето на никаква основа.
„Нека им е вечен споменот и вечна слава на хероите, борците, соборци и соборки!
Нивната борба за нашата слобода и државотворност и нивната пожртвуваност е нашиот заеднички влог во иднината, во создавањето на нашата татковина која денеска е просперитетна земја со европски и демократски стандарди“, потенцираше Николовски.



