На денешниот прв национален саем за храна и пијалаци – „Вкуси ја традицијата“ во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и „Слоу Фуд“ Македонија свое обраќање имаа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и премиерот Димитар Ковачевски.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски во своето обраќање ја истакна важноста на саемот.
„Би сакал преку денешниов саем – „Вкуси ја традицијата“, да ја испратам клучната порака, да ја почитуваме храната, да си ја чуваме традицијата наследена од нашите баби и дедовци, бидејќи таа е најголем доказ дека овде векувал народ кој со генерации ја пренесувал убавината и радоста на животот. Искрено посакувам, овој саем да има одржливост низ годините, да се развие во култен настан кој ќе ја слави македонската храна и традиција и да прерасне во долгогодишен проект“, рече Николовски.