Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска упати искрени честитки за назначувањето на новиот иден декан на Факултетот за земјоделски науки и храна, професор д-р Миле Марковски со кого оствари средба во министерството.
-Овој Факултет создава трајни вредности документирани преку многу генерации на студенти, магистри и доктори на наука кои еден ден ќе остават свој личен печат и ќе придонесат за понатамошен развој на земјоделскиот сектор. Соработката со Земјоделскиот факултет била и ќе ни остане на највисоко ниво, заедно креиравме многу мерки, мерката Рурална жена, млад земјоделец, мерките за смарт земјоделство, воведувањето на месечните стипендии за студентите и многу други земјоделски политики, порача Николовски.
Ресорниот министер упати и голема благодарност до сегашниот Декан Вјекослав Танасковиќ за, како што рече, сите заложби со кои успешно го промовира Факултетот и кадрите кои биле, се, и ќе бидат дел од неговата историја.
– Сигурен сум дека и со поддршката на проф.д-р Марковски ќе ја продолжиме одличната соработка и заедно ќе продолжиме да ги споделуваме вредностите на уште многу идни генерации и студенти со кои сите ќе се гордееме, дециден е министерот Николовски.
