Заменик на Претседателот на Владата за борба против корупција и криминал, Љупчо Николовски одговара на прашања поставени од граѓаните во врска со борбата против корупцијата.
На прашањето од Агим од Струга за тоа на кој начин ќе се ограничат службениците во трошењето, вицепремиерот одговори дека со одлуката за угостителси услуги се ограничуваат носителите на јавни функции при трошењето на буџетските средства за угостителски услуги на работни состаноци.
Николовски потенцираше дека оваа одлука веќе е донесена и е е меѓу првите мерки којашто веќе е во примена а се однесува на намалување на трошоците, на привилегиите и на можностите коишто ги имаат функционерите.
„Најголем дел од министрите од оваа Влада и од претходната Влада од 2017 година не користат службени картички и не трошат на грбот на граѓаните, а бевме сведоци како десетици години се трошеше на грбот на граѓаните за одела, за кравати, за забави и сето тоа е документирано.
Многу работи веќе ги искоренивме меѓутоа верувам дека граѓаните сакаат уште поголема транспарентност односно уште поголема одговорност кон јавните средства и навистина со менувањето на навиките тоа треба да го направиме и затоа носиме одлуки во тој правец коишто за првпат се носат“, истакна Николовски.
Николовски нагласи дека ограничувањата важат за сите почнувајќи од него како вицепремиер се до сите министри, директори и останати функционери.
„Министер за работен ручек може да потроши сума од 1500 денари по лице , директор 1000 денари додека заменик директори немаат средства за користење.
И најважно сите расходи треба да бидат оправдани“, посочи Николовски.