Научниот Институт за тутун од Прилеп е една од најстарите научни институции на Балканот, порача денеска од Прилеп министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски информирајќи дека ја зголемуваат и продлабочуваат соработката.
-Преку програмата за рурален развој обезбедуваме поддршка за институтот за поставување на систем за наводнување на опитни полиња .
5.740.000 денари за наводнување на 14 хектари површина на која се сади сортата “Прилеп 66” која е сопствена сорта на Институтот. Институтот е од голема важност за научноистражувачката, образовната и производната дејност, остануваме посветени во реализација на сите заеднички сегашни и идни проекти, порача Николовски.
Обезбедена е и опрема за трите научни институции, Земјоделскиот Институт, Земјоделскиот факултет при УГД и Институтот за тутун, во висина од 270.000 евра – Европски средства преку ИПА фондовите.

-Имав прилика да ја посетам Ген банката која е во состав на Институтот за тутун. Овде се чува семенски материјал од 56 сорти, се одржуваат сите автохтони сорти на тутун. Преку ИПА програмата со средства од ЕУ го зајакнуваме институтот со нова опрема која ќе помогне за научни цели и поддржување на автохтоните раси. Ротилиште, автоматски бројач на семе, термосушица и дехумификатор се само дел од опремата која се набавува за потребите на Институтот.Значајна е поддршката од ЕУ, континуирано помага во развојот и модернизацијата на македонското земјоделство, вели министерот Николовски.


