Нереформираното ВМРО-ДПМНЕ да престане да шири лажни вести и неоснована паника, официјалните податоци ги разбиваат нивните конструкции. Стапката на невработеност во вториот квартал од оваа година, според официјалните податоци на Заводот за статистика е намалена на 16,7 отсто, во однос на минатата година кога изнесуваше 17,3 отсто. – порачаа од СДСМ.
Намалувањето на невработеноста во периодот април-јуни годинава, на почетокот на пандемијата со коронавирусот во државата непобитно ја потврдува ефикасноста на антикризните мерки, што ги презеде Владата предводена од СДСМ и ги демантира тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНе дека илјадници граѓани останале без работа.
На почетокот на кризата со коронавирусот, СДСМ одговори со директни мерки за поддршка за секое работно место и бизнисите што се соочија со тешкотии во работењето и со првиот пакет мерки беа опфатени секторите најпогодени од кризата со корона вирусот. – стои во соопштението од СДСМ.
Продолживме со вториот пакет мерки со кој овозможивме директна помош за лична потрошувачка и со одложување, односно, пролонгирање на финансиските обврски на граѓаните и фирмите.
Со третиот пакет вреден 355 милиони ЕУР, наменет за 730.000 корисници спроведовме мерки за спречување на сериозно намалување на приходите во туризмот и поттикнување на потрошувачката на домашни производи.
Новата владата го подготвува и наскоро ќе го реализаира четвртиот пакет антикризни мерки кој ќе обезбеди нова финансиска поддршка, пред се за пензионерите со ниски пензии, самохрани родители, невработените баратели на работа. – информираат од партијата.
Стапката на невработеност, за време на кризата ќе ја држиме стабилна, а по нејзиното завршување ќе продолжиме да ја намалуваме за 3% годишно како што тоа го правевме во изминатите 3 години.
Конечна цел е – едноцифрена стапка на невработеност до крајот на мандатот на новата влада предовдена од СДСМ.
Нереформираното ВМРО-ДПМНЕ може да учи како се работи одговорно посветено и во интерес на граѓаните. – децидни се од СДСМ.