По испратеното писмо од Здружението на судии до Владата, а неофицијално и од Здружението на јавни обвинители до истата адреса, со кои тие си ги бараат назад сопрените пари како солидарност за справување со пандемијата на КОВИД-19, до дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК стигнаа реакции од некои судии, главно од Кривичниот суд, но и од Скопското и од Јавното обвинителство.
Во телефонските реакции, дел од судиите и обвинителите велат дека не стојат зад писмата и не се дел од уставната тужба против Владата, која Здружението на судии најави дека утре или најдоцна до петок, ќе ја поднесат до Уставниот суд.
Во меѓувреме, го добивме писмото што го испратило Здружението на судии до Владата и таму со докази е поткрепено дека речиси сите, односно над 20 негови подружници ја поддржале интерната иницијатива да ѝ се укаже на Владата дека ги крши Уставот и законите со тоа што на судиите им ја намали платата од околу 1.000, на 240 евра, или на 14.500 денари колку што изнесува минималната плата. Сакаат сами да издвојуваат од платите како донација за институциите за справување со коронавирусот, а не извршната да ѝ упаѓа на судската власт. Не кажуваат колку би донирале.
Но, државниот обвинител Љубомир Јовески не мисли како двете здруженија и смета дека судиите и обвинителите, како едни од најважните функции во нашето општество, а кои главно работат од дома, треба да ја покажат својата солидарност кон оние кои останаа без работа и кон здравствените власти кои се борат со пандемијата со коронавирус .
„Цел живот, како судија и обвинител, сум се залагал и се залагам за почитување на законите. Но првпат имаме вонредна состојба на целата територија на државата. Здравјето на граѓаните е основно и токму заради тоа ограничени се движењата, стопанската активност е сведена на неопходност. Во правосудството, поголемиот дел од судењата се одложени, а работата на јавните обвинители освен во итните предмети, се извршува од дома. Чесно и човечки е судиите и јавните обвинители да покажат солидарност и хуманост за новонастанатата состојба. Ова ќе влијае и на зголемување на интегритетот, но носителите на овие функции кои се едни од најзначајните во општеството“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Јавниот обвинител на Македонија Љубомир Јовески.
Повеќе на СДК.
