Најскапиот стан во Македонија продаден за 166.500€ – во Аеродром

Пазарот на недвижности во 2025 година остана стабилен, активен и атрактивен за инвестирање, со јасна доминација на урбаните средини и позитивни економски трендови, покажува годишниот извештај на Агенцијата за катастар на недвижностите.

Становите продолжуваат да бидат најдоминантен сегмент, учествувајќи со 33% од вкупниот број купопродажби и 48% од вкупната вредност на пазарот. Иако бројот на продадени станови се намали за 3,9%, нивната вредност порасна за 10,8%. Најактивни и најскапи општини се Центар, Аеродром и Карпош, со просечни цени од 1.692, 1.558 и 1.419 евра/м². Најскапиот стан се продаде во Аеродром за 166.500 евра, куќата во Центар за 1.500.000 евра, а деловниот простор во Центар за 6.800.000 евра.

Вкупно во 2025 година се реализирани 33.381 трансакција, што претставува раст од 7,6% во споредба со 2024 година. Од нив, 23.470 се купопродажби (раст од 4%), а 9.911 се закупи (раст од 17%). Вкупната финансиска вредност на пазарот изнесува 1,14 милијарда евра, со најголем дел остварен во четвртиот квартал (314 милиони евра).

Земјоделското земјиште и шумите учествуваат со 31% од купопродажбите, додека градежното земјиште со 14% бележи раст на вредноста од 36%. Куќите учествуваат со 13% од купопродажбите и нивната вредност се зголеми за 37%. Најмногу трансакции се регистрирани во Центар (2.414), Аеродром (1.963) и Карпош (1.791).

Највисоката цена за стан по м² е постигната во Аеродром – 3.784 евра/м². Пазарот на новоградби е најдинамичен во скопските општини, со најголем скок на просечната цена во Центар (31%), додека во Охрид е забележан пад од 4%.

Пазарот на закупи бележи вкупна месечна вредност од 4 милиони евра. Најголемо учество имаат становите (35%) со раст на месечната закупнина од 15%, следуваат деловните простори (34%) со раст од 24%, што покажува зголемена побарувачка за изнајмување.

Извештајот претставува сеопфатна анализа на состојбите и трендовите на пазарот на недвижности во Република Северна Македонија за 2025 година, базирана на официјални податоци од регистарот на цени и закупнини.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e