Со длабока тага, од политичката партија Левица соопштија дека починал нивниот другар и сопартиец Кирил Слезенковски, на 28 години.
Тој беше член на Централниот комитет на Левица и советник во Советот на Општина Илинден, а од партијата велат дека неговото значење ја надминувало формалната функција, нагласувајќи дека станувало збор за човек кој политиката ја разбирал како одговорност кон луѓето.
„Кирил беше член на Централниот комитет на Левица и советник во Советот на Општина Илинден, но неговото значење не се сведуваше на функциите. Беше пример за човек кој политиката ја разбира како одговорност кон луѓето, а не како позиција. Беше самоиницијативен, одговорен и подготвен да се зафати со решавање на проблеми“, се наведува во соопштението.
Од Левица истакнуваат дека Слезенковски бил препознатлив по чесноста, солидарноста и посветеноста кон заедницата, додавајќи дека секојдневно ги живеел вредностите што ги застапувал.
„Другарството, чесноста, енергичноста, интелигенцијата, солидарноста и позитивниот дух беа вредности што Кирил ги поседуваше и секојдневно живееше. Во време кога многумина ја сведуваат политиката на личен интерес и калкулации, Кирил беше спротивност на тоа. Непринудно и без задни намери им помагаше на луѓето, се бореше за подобри услови во заедницата и веруваше дека работите можат да се менуваат ако има доволно чесност и упорност“, додаваат од партијата.
Во неговиот ангажман како советник, како што посочуваат, бил гласен застапник на јавниот интерес.
„Како советник во Илинден, беше глас на граѓаните – аргументиран, јасен и бескомпромисен кога стануваше збор за јавниот интерес. Како член на ЦК, беше еден од оние на кои можеше да се потпреш – со идеи, знаење, карактер, посветеност. Брилијантен во размислувањето, борбен во духот и исклучително човечен во односот кон луѓето, Кирил остави трага што не може да се избрише“, стои во реакцијата.
Од Левица нагласуваат дека станува збор за голема загуба, особено поради тоа што се работи за млад човек со потенцијал и визија.
„Она што ја прави оваа загуба уште потешка е што губиме млад човек со сериозен капацитет, знаење и енергија да придонесува уште многу години. Кирил веќе имаше оставено трага, но уште поважно – имаше јасна визија и волја да направи повеќе за Илинден, Скопје и за Македонија“, наведуваат од партијата.
Во пораката се истакнува дека Слезенковски ќе биде запаметен пред сè како другар, а неговото отсуство ќе се чувствува меѓу сите што го познавале.
„Над сè, Кирил ќе го паметиме како другар. Човек кој знаеше да биде и силен и топол во исто време. Неговото отсуство ќе се чувствува длабоко во организацијата и меѓу луѓето што го познаваа. Но, ќе остане и она што го остави зад себе – пример дека може да се биде принципиелен, посветен на заедницата и дека борбата има смисла“, се додава од партијата. објави Скопје1.мк
