На 18.12.2019 Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во рамки на меѓународна полициска операција заедно со полициските служби на Шпанија и Колумбија, а во координација на службата за борба против дрога на САД-ДЕА при спроведена полициска операција лиши од слобода пет лица – членови на меѓународна организирана криминална група што организирала транспорт на 700 килограми кокаин од Јужна Америка во Европа, којшто при продажба на големо би достигнал цена во вредност од околу 20 милиони евра. Целата меѓународна операција беше координирана од полициски штабови во Скопје и во Мадрид каде присуствуваше и полициски службеник од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал.
Во симултана операција во Мадрид, во момент на преземање на 700 кг.наркотична дрога кокаин, се лишени од слобода братот на организаторот на групата – резидент на Белгија и двајца шпански државјани, а веднаш потоа во Македонија од слобода се лишени организаторот на групата и неговата сопруга.
Во текот на предистражната постапка во периодот јули-декември годинава се преземени низа мерки и активности за утврдување на активностите на организираната криминална група предводена од двајцата македонски државјани. Идентификуван е и документиран модусот на организирање и транспорт на наркотична дрога-кокаин, кој опфаќа: набавка на наркотична дрога – кокаин од Колумбија и нејзино пренесување преку Атланскиот Океан во Шпанија за натамошна продажба со цел стекнување противправна имотна корист. Лидер на оваа група е првоосомничениот кој заради впишана забрана за патување во земјите од ЕУ, го ангажирал својот брат со кого остварувал редовни контакти и средби во Скопје и во овој период ги договарале чекорите за пренесување и дистрибуција на кокаинот.
Откако биле договорени сите детали за преземањето на наркотичната дрога-кокаин од Мадрид, на почетокот на месец декември, второосомничената по инструкции на сопругот направила резервација на апартман во Мадрид на име на неговиот брат плаќајќи ја со сопствена кредитна картичка. Исто така, второосомничената во текот на месец октомври оваа година, отпатувала за Мадрид за да во име на нејзиниот сопруг од НН, шпански државјанин подигне парични средства во износ од 10.000 евра, најверојатно поврзани со криминалните активности на оваа криминална мрежа. Карактеристично за оваа организирана криминална група е тоа што комуникацијата се одвивала на лични и непосредни средби остварени помеѓу членовите на организираната криминална група и тоа во Скопје, Мадрид, Белград, Дубаи, Канкун и Картагина и преку интернет комуникација со висока заштита.
Под раководство на надлежниот јавен обвинител Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и понатаму презема истражни мерки и активности во рамки на оваа меѓународна операција, особено заради тоа што постојат индиции за вмешаност на уште еден турски и уште еден грчки државјанин за кои дополнително ќе се утврдува поврзаноста со активностите на оваа група.
На 19.12.2019 година, судијата на претходна постапка го прифати предлогот на надлежниот јавен обвинител и одреди мерка притвор во траење од 30 дена за првоосомичениот и мерка куќен притвор за второосомниченото лице.