Законодавно-правната комисија во вторник ќе ги разгледува измените во Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, предложени од Министерството за внатрешни работи.
Според измените, глобата за лице кое на јавно место со карање, викање или непристојно и дрско однесување го нарушува јавниот ред и мир наместо како до сега, од 100 до 400 евра, ќе изнесува од 50 до 150 евра. Истата глоба се предвидува и за лица кои во пијана состојба го нарушуваат јавниот ред и мир, како и за лице кое со малтретирање на друг во стан ги вознемирува соседите, со што ќе предизвика интервенција на полицијата.
Глоба од 100 до 200 евра се предлага за лице кое со фрлање или кршење шишиња, чаши или други предмети ги вознемирува грѓаните или ја загрозува нивната безбедност, наспроти досегашната која е во висина од 100 до 400 евра.
Од законот се брише Членот 29, кој гласи „Кој без заштитни средства (маска и слично), без надзор и невнимателно кучиња и други опасни животни кои може друг да престрашат или да повредат ќе му се изрече глоба во висина од 100 до 400 евра во денарска противвредност“.
За организирање борба меѓу животни, со што се предизвикува негодување на граѓаните или се загрозува нивната безбедност, глобата од 500 до 1.000 евра, се намалува на глоба од 50 до 150 евра.
За ливе кое учествува, предизвикува или поттикнува друг на тепачка наместо досегашната глоба во висина од 300 до 500 евра, предвидена е глоба од 50 до 150 евра. За тепачки во група пак, наместо досегашната глоба од 700 до 1.500 евра, со измените се предвидува глоба од 150 до 250 евра.
Предвидено е намалување и за омалoважување државен орган, односно омаловажување или навредување службено лице на државен орган или друга институција која врши јавни овластувања во вршење на службата. Наместо досегашните предвидени 600 до 800 евра, се предвидуваат од 50 до 150 евра.
Се намалува глобата и за навреда на полициски службеник. Наместо глоба 600 до 900 евра, со измените се предвидува глоба од 150 до 250 евра.
Глобата за оштетување, уништување или осквернување споменик која во моментов е во висина од 1.500 до 2.000 евра, ако се донесат предложените измени ќе изнесува од 100 до 150 евра.