Министерството за внатрешни работи (МВР) ја известува јавноста дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави дека девет училишта на територија на Скопје добиле порака на електронската адреса со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
-Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави, соопштија од МВР.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски уште еднаш повтори дека има неколку правци во истрагата на сите служби во врска со лажните дојави за бомби во скопските средни училишта.
-Хибридните закани ги карактеризира тоа. Една од клучните работи во тероризмот е јавноста за нив. Тие сакаат да бидат обзнанени јавно, сето тоа да се дознава многу. Во овој дел, јавноста и транспарентноста не ни оди во прилог на решението. Како и да е, важно е дека сите институции функционираат во полн капацитет и овој предизвик ќе го надминеме заедно, изјавил Спасовски во интервју за Слободен печат ТВ.