„Не знам која беше целта на тогашниот директор да ме заобиколи во процесот на собирање на информации, грешка е во постапките и оваа работа наскоро ќе се разјасни“, вели актуелниот директор на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу за ТВ21.
Муслиу за ТВ21 додава дека имало внатрешна истрага во Агенцијата за разузнавање за случувањата во Куманово, но не прифати да каже дали Наќе Чулев има кредибилитет да биде на чело на МВР 100 дена.
„Мојата изјава е јасна. Како што ветив и зацртав пред себе и раководниот кадар, ние работевме и завршивме една обврска. Внатрешната истрага за неколку случаи од минатото, не толку далечно, во Агенцијата за разузнавање заврши. По ова, ги информиравме надлежните органи“, додава Муслиу.
ДУИ изрази загриженост бидејќи работел во Кабинетот н поранешниот Претседател, Ѓорги Иванов за време на настаните во кумановско Диво Насеље.
„ДУИ оценува дека без расветлување до крај на настаните од Куманово, никој, кој бил дел од службата на Иванов не треба да биде на чело на чувствителни институции“, вели Бујар Османи, Портпарол на ДУИ.
Но, сега интегративците не реагираат исто и за Наќе Чулев, кој за време на конфликтот во Диво Насеље беше директор на истата агенција. Од ДУИ се правдаат доколку било прифатено нивното барање за Муслиу, сега истото би важело за сите.
„За кумановскиот случај треба да оставиме да ја покаже вистината меѓународна истрага. Во однос на нашиот став, беше принципиелен став кон институциите, не личен, но за жал во тоа време не беше прифатен ако начело кое ќе вредеше за сите“, додава Османи.
Владиниот партнер на ДУИ, СДСМ ја прифати кандидатурата на Наќе Чулев, иако се свесни дека тој бил директор на разузнавање за време на настаните од 9 и 10 мај во Диво Насеље, за што велат дека ќе има импликации.
„Оваа хипотека ќе има негативни импликации во јавноста, но и кај вработените во МВР. СДСМ изразува жалење што во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се променило. Мицкоски, и преку овој избор за негова номинација, се обидува да ја враќа земјата назад во деновите на сериозни внатрешни конфронтации“ велат од СДСМ.
Инаку, Чулев на чело на Агенцијата за разузнавање бил од 2013-та до 2017-та година. Потоа, до 2019-тата беше генерален помошник на директорот на Агенцијата.