Меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски во интервјуто за информативната емисија „Апотипома“ на грчката телевизија „Скај“ истакна дека ниту еден граѓанин нема по своја волја или природно да го користи новото име.
„Ви гарантирам дека не само додека сум жив, туку и многу подоцна, ниту еден граѓанин на оваа земја нема по своја волја или природно да го користи новото име. Ова, како што кажав, произлегува од основното право за самоопределување, но исто така и од фактот што никој не може да го оспори тоа што сум. Јас сум Македонец од Македонија. И мислам дека ниту културно, ниту лексички или на било кој друг начин или било која друга форма, ова би се сменило во оваа земја“, рече Муцунски.
Прашан за тоа дали би можело да има одново промена на името, Муцунски коментира дека „многу работи се случуваат во глобалната политика, за да се каже дека тоа е невозможно“. Додава дека потребна е волја и силна решителност, но и да се најде правен пат.
Во интервјуто за емисијата на ТВ „Скај“ емитувана доцна синоќа, тој ја повторува позицијата дека партијата беше и останува против Договорот од Преспа, вели дека се однесува на минатото а не на сегашноста, но и дека содржината на договорот е ретроградна.
Паралелно упатува критики и до владата дека во изминатите три години е фокусирана само на надворешната политика, а не на важните прашања за народот.