Доскорешниот прв човек на Дирекцијата за технолошко индустриските и развојни зони (ДТИРЗ) Виктор Мизо од вчера официјално е новиот управител на компанијата „Костал“, странската инвестиција во ТИРЗ Струга/Охрид, објави БИРН.
Токму Мизо во ноември 2015 го потпиша договорот со „Костал“ во име на Владата, а сега е на директорската позиција во компанијата.
Откако се смени власта, Владата предводена од СДСМ при крајот на јули ја прифати оставката на Мизо, а на негово место го назначи Александар Младеновски.
Фактот дека помина само еден месец од неговото заминување од директорската позиција го отвора прашањето дали неговиот ангажман во „Костал“ е спротивен на Законот за спречување на судир на интереси, кој во членот 17 вели дека службеното лице во рок од три години по заминувањето од функцијата „не може да се вработи во трговското друштво во кое вршел надзор или имал воспоставено каков било договорен однос при вршењето на јавните овластувања или должности“.
„Тоа е недозволиво, нема право на тоа“, коментира за БИРН поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Слаѓана Тасева и додава дека оваа ситуација е директен судир на интереси.
Мизо, пак, смета дека нема ништо спорно, бидејќи „Костал“ склучила договор за закуп со Владата, која е сопственик на имотот даден под закуп, а не со ДИРТЗ, институцијата што тој ја водеше.
„За склучување на овој договор постои соодветна одлука на надлежен орган, не е одлука на директорот на ДТИРЗ, директорот на ДТИРЗ го претставува закуподавачот и не настапува во свое име, ниту има надлежност да дава имот под закуп или да склучи таков договор самостојно, така што јас немам воспоставено каков било договорен однос при вршењето на моите овластувања или должности во времето кога сум бил директор на ДТИРЗ“, вели во писмениот одговор Виктор Мизо и потсетува дека оваа странска инвестиција не е корисник на државна помош од Владата.
Тој вели дека , „Костал“ е почитувана меѓународна компанија чија инвестиција, сегашна и идна, ќе помогне во развојот во Охрид и неговата околина.
„На што, како човек со потекло од тој крај, сум особено горд“, вели Мизо за БИРН.