Министерството за здравство соопшти дека е извршено годишното усогласување на максималните цени на лековите за 2026 година, во согласност со важечката методологија за формирање на цените. Новите одлуки веќе се објавени на веб-страницата на министерството, а дел од лековите ќе имаат намалени цени.
Министерот за здравство Азир Алиу истакна дека цените на лековите се клучен инструмент за обезбедување достапна терапија за граѓаните и за одржливост на здравствениот систем, објави 4news.mk
„Утврдувањето на цените е стратешка одлука која има директно влијание врз јавните здравствени расходи и врз достапноста на терапијата за пациентите“, посочи Алиу.
Според анализите и спроведените преговори, намалување на максималните цени е утврдено кај 156 оригинаторни лекови, 174 генерички лекови и 13 лекови од интервентен увоз. Новите цени ќе почнат да се применуваат од 1 мај, по период во кој фармацевтските компании ќе ги усогласат цените во прометот на големо и мало.
Особено значително намалување е постигнато кај лекот „Ксарелто“ (ривароксабан), кој се користи во третман на кардиоваскуларни заболувања. Кај овој лек цената во прометот на големо за таблетите од 15 и 20 милиграми се намалува од 2.307,48 на 1.606,10 денари, додека таблетите од 10 милиграми ќе поевтинат од 824,10 на 589,45 денари.
Од Министерството посочуваат дека со ова намалување ќе се овозможи поголема достапност на терапијата за пациентите, имајќи предвид дека лекот често се набавувал од странство поради пониските цени.
Дополнително, министерството информира дека лекот „Ксарелто“ е предложен за вклучување на позитивната листа за примарна здравствена заштита во текот на 2026 година. Предлогот веќе е доставен до Фонд за здравствено осигурување на Северна Македонија, со што се очекува дополнително олеснување на трошоците за пациентите преку покривање на дел од терапијата од државата.
Од Министерството за здравство нагласуваат дека остануваат посветени на политики кои ќе обезбедат квалитетна, достапна и одржлива здравствена заштита за сите граѓани.
