Ја користам можноста, верувам изразувајќи го ставот и на премиерот Борисов, да уверам дека Европа и покрај воздржаноста, ги држи отворени вратите за Западен Балкан и дека со соодветните предуслови, сонот за полуостров на мир и слобода во економијата, идеите, движењето на луѓето и производите, може да стане реалност, а знамето на Европа, во некој момент да се вее како во Тирана, така и во Скопје, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговото обраќање на Самитот во Солун и истакна дека патот на сите балкански држави кон напредок „беше и е заедничка визија“, што започна со Солунската агенда, а во градот во кој што се роди, вчера одново беше потврдена.
Претседателот на владата на Грција се осврна на трите грчки насоки во однос на Балканот и Југоисточна Европа: зајакнување на билатералните односи со сите земји од регионот; цврста поддршка на европската перспектива и промоција на поврзувањето во транспортот, инфраструктурата, енергетиката и дигиталната економија, а паралелно откри дека шефот на грчката дипломатија подготвува инцијатива за Скопје и Тирана, јави дописничката на МИА од Атина.
-Цврста поддршка на европската перспектива на сите земји од Западен Балкан. Како најстара и силна членка на Европската унија, Грција добро ја знае важноста на една таква разврска. Затоа ги охрабрува државите кандидатки да ги направат тешките промени што ќе ги доближат до Европа на демократијата, на правдата, на отворената економија. Кон тоа цели и иницијативата на министерот за надворешни работи, на господинот Дендиас, да ги покани неговите колеги од Тирана и од Скопје во Брисел на следниот Совет за надворешни работи на ЕУ, функционирајќи како ефикасен канал за комуникација, рече Мицотакис.