Создавањето фамилија, посебно голема фамилија, е најголем патриотски акт за една нација, кон својата држава, без оглед на етничка или религиозна припадност. Големо семејство значи просперитет.
“Ако посакуваме иднина, ако посакуваме држава, богата држава која ќе напредува и по нас, тогаш фамилијата е одговорот на овој предизвик,” изјави премиерот Христијан Мицкоски на настанот “Демографски трендови – Заедничка акција за инвестирање и искористување на човечкиот капитал преку петгодишната програма на Владата и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА)”.
Мицкоски истакна загрижувачки податоци од последниот попис: “Според последниот попис сме нешто над 1,8 милиони жители. Имаме над 700,000 редовно вработени и околу 350,000 пензионери. Реално присутно население според сите проценки не надминува 1,5 милиони.”
Тој предупреди дека демографските предизвици ќе станат сериозни во иднина: “Можеби ова во следните 10-15 години ќе биде предизвик, но не со таа брзина ќе го почуствуваме сите. За 20 до 25 години тоа што ќе им го оставиме на тие генерации по нас ќе биде сериозен предизвик. Зошто? Зашто тогаш се плашам дека ќе бидеме држава со под еден милион жители и тогаш ќе имаме на еден пензионер, еден вработен. Тоа значи колапс за пензискиот фонд, тоа значи колапс за здравствениот фонд.” Тој додаде дека секој кој не ја разбира сериозноста на ситуацијата, не и мисли добро на земјата.
Премиерот нагласи: “Нека ме нарекуваат конзервативен, заостанат, како сакаат нека ме нарекуваат, но ова мора да биде прв приоритет на оваа Влада и на сите следни влади, а тоа се многудетните семејства. За бадијала ни се градинки ако нема деца, за бадијала ни се училишта ако нема деца, за бадијала градиме автопати и пруги ако нема кој да вози и кој да се вози по нив. За тоа јас би сакал до сите македонски граѓани да упатам јасна порака формирањето семејство, а формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина, без разлика на етничката припадност, на верската припадност, многудетното семејство значи иднина. Ако сакаме да имаме иднина, ако сакаме да имаме држава, богата држава која ќе се развива и по нас тогаш семејството е одговорот на овој предизвик.”
Тој заклучи дека програмата е доказ за меѓународната поддршка и партнерство, но ја нагласи и одговорноста на сите граѓани да ги заштитат луѓето, да ги поддржат младите, да го зачуваат семејството и да обезбедат светла иднина за Македонија.
На настанот свои обраќања имаа и директорката на УНФПА за регионот на Источна Европа и Централна Азија, Флоренс Бауер, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, и постојаната координаторка на ОН во Северна Македонија, Рита Колумбија.