Мицкоски: Да ги следиме идеалите на хероите од 11 Октомври

Во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани на Република Македонија им го честитам државниот празник, Денот на народното востание, 11-ти Октомври. – пишува лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

Денот на народното востание против фашистичкиот окупатор го продолжи стремежот на македонскиот народ за слободен живот и сопствена држава. На 11 Октомври македонскиот народ застана на вистинската страна на историјата, се спротивстави против теророт и застана страната на правдата, човечноста и слободата.

Со народно ослободителната борба македонскиот народ го потврди континуитетот на борбата за државност и самостојност и ги реализира целите и идеалите на Илинденците, со што ги постави темелите на македонската држава. Со тоа се оствари и вековниот сон за кој животот го посветија и дадоа многу македонски херои. – се вели во честитката од Мицкоски.

Патот по кој одеа нашите и дедовци и татковци, и дадоа жртва за остварување на идеалот за државност и слобода, не води и денес во остварување на подобра држава Македонија и подобра иднина за нас и нашите идни генерации.

Сите граѓани во Македонија го живееме истото секојдневие и затоа на 11 Октомври да се потсетиме на жртвата кои ја дадоа македонските херои и да го продолжиме нивниот идеал, да се избориме за правдата и за доброто на државата и идните генерации.

Патот до слободата е вечен, а тој пат го оди и нашата генерација. Честит 11 Октомври! – порача Мицкоски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e