Мешовитиот парламентарен комитет РСМ – ЕУ: Преговорите да почнат во март 2020

Парламентарниот комитет РСМ-ЕУ препорача почеток на преговорите за членство до крајот на март 2020
Стразбур, 19 декември 2019 (МИА) – По плодните дискусии за односите меѓу земјава и Европската Унија, пратениците на Собранието и на Европскиот парламент, членови Мешовитиот парламентарен комитет Република Северна Македонија – ЕУ, денеска во Стразбур го усогласија и усвоија текстот на Заедничките препораки со кои се бара почеток на преговорите за членство со државава до крајот на март 2020 година.

Како што јави дописникот на МИА од Стразбур, Препораките ќе бидат упатени до Европарламентот, до Собранието и Владата на Република Северна Македонија, до Советот на Европската унија и до Европската комисија.

Инаку во текот на денешниот втор ден од состанокот на Мешовитиот парламентарен комитет, имаше поединечни дискусии за повеќе аспекти на владеењето на правото, борбата против дискриминацијата, против говорот на омраза, слободата на медиумите, младинските политики, судските реформи и законските решенија кои во оваа област треба да се донесат, како и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Членовите на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија, во чиј состав беа копретседавачката на Комитетот, Соња Мираковска и пратениците Жаклина Лазаревска, Бетиан Китев, Никола Попоски, Шпреса Хадри, Ивана Туфегџиќ, Иван Стоиљковиќ и Мерал Узеири Ферати, дадоа осврт на чекорите кои се преземени и се планираат за унапредување на состојбите во овие важни и приоритетни области, имајќи ги предвид притоа оценките содржани во извештаите на европските институции за напредокот на државата.

По презентирање на состојбите во Република Северна Македонија следеше дискусија со пратениците на Европскиот парламент, кои изразувајќи надеж дека до следниот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет земјава ќе биде во процес на преговори за членство со Европската Унија, оддадоа признание за постигнатите резултати и укажаа на областите во кои е потребен напредок.

Во расправата беше посочено дека Европската комисија останува на својата препорака за старт на преговорите за членство со Северна Македонија, бидејќи таа ги исполнува условите за тоа, со забелешка дека ваквиот став „не е статичка категорија и не може да се живее на стара слава“.

Шефот на Одделот за Северна Македонија во Директоратот за европска соседска политика и преговори за проширување, Дејвид Кулен во обраќањето на заседанието порача дека пред избори, по кои ќе има нов Парламент и нова извршна власт, Комисијата смета дека „не треба да се измислува топла вода“, туку да сеспроведат донесените закони кои се во согласност со стандардите на ЕУ, а меѓу приоритетите на Собранието го посочува донесувањето на нацрт законот за интеграцијата на СЈО во ОЈО.

Главната препорака усвоена денеска е дека се бара од земјите членки на ЕУ, да се заложат и да донесат одлука за старт на пристапните преговори со земјава најдоцна до состанокот на Советот на Унијата во март 2020 година, односно пред закажаните парламентарни избори.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e