Постигнат е мал напредок во разговорите на македонските и бугарските историчари и тоа само во делот на средновековната историја, додека ставовите по однос на делото на Гоце Делчев остануваат дијаметрално спротивставени. Тоа е оценката од дводневната осма средба на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања на Република Северна Македонија и Република Бугарија што се одржа во Охрид.
„Теми на разоворите беа учебниците за шести клас во Бугарија и за седмо одделение во Македонија, како и за Гоце Делчев. Во однос на учебниците направен е солиден чекор напред, со разгледување на нашите забелешки по однос бугарските учебници, и во добар дел успеавме да ги поминеме. Останаа уште две забелешки што ќе бидат разгледувани на следната средба. Останаа места околу кои не се согласивме, за кои и не мора да се согласиме, некои работи остануваат неприфатливи за една од страните. По однос разговорите посветени на Гоце Делчев не успеавме да постигнеме напредок во однос на претходната седница“, изјави претседателот на македонска група во комисијата, директорот на Институтот за национална историја, професорот Драги Ѓорѓиев.
Колкав напредок е направен во преговорите сликовито говори изјавата на копретседателот на бугарската група во комисијата Ангел Димитров, кој рече дека најдоброто од разговорите било тоа што средбата се одржала во Охрид.
„Постојат многу прашања што не се разјаснети, не се расчистени, не сме дошле до согласност, а се уште не сме почнале ниту да ги разгледуваме бугарските забелешки на учебниците во Северна Македонија. Ние имаме многу тврди, тврди забелешки. Навистина е тешко тука во подножјето на Самоиловата тврдина што не успеавме да завршиме со прашањата од средновековието. По однос разговорите за Делчев тие беа без резултат, доста напрегнати, понекогаш и на работ на колегијално однесување, но тоа не е најважното, тоа е разбирливо кога има спротивставени ставови. Поважно е друго, кога сакаме да изготвиме заеднички текст, за да дадеме предлог за заедничко славење, ние треба да се обидеме максомално да ги надминеме постојните различности“, рече Димитров.