Медицинска сестра сведочеше за случајот Онкологија 2: Се случуваше на клиниката да нема некоја терапија, а одредени пациенти да ја добијат

Медицинска сестра, која била одговорна за дневната болница на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, додека директор бил Нино Васев, на денешното судење за случајот Онкологија 2, сведочеше дека некогаш се случувало на клиниката да нема некоја терапија, а одредени пациенти да ја добијат, како и дека имало пациенти на кои им биле менувани препишаните терапии.

На прашање од обвинителката Ана Гоговска Јакимовска, сведокот, кој 22 години работи како медицинска сестра на Онкологија, рече дека имала задолжение да прави попис на лекови на неделно ниво и пациентите кои примале терапија од условен буџет да ги носи на одобрение кај директорот на Клиниката, кој во тоа време бил Васев.

– Имаше истории кои не беа одобрувани веднаш откако ќе беа однесени. Откако историјата ќе се донесе во дневна болница се носи на потпис кај директорот. Со потпишан денешен извештај се прават четири копии и се пушта требување, еден извештај останува во аптека и два се чуваат во кластер, појасни таа.

Рече дека некогаш се случувало на Клиниката да нема ваква терапија, а одредени пациенти да ја добијат.

– Еден од тие пациенти беше Зоран, којшто примаше ампула пеценти. Во тој момент ја немаше на Клиниката, неговата сопруга беше некој инспектор, дојде и праша зошто нема и објаснивме, а таа рече ќе се качам кај директорот. По некое време се јавува директорот и ме повика во канцеларија каде беше и сопругата на пациентот и ми даде ампула паценти. Јас ја земав и ја спремив во амбуланта. Уште еден пациент, Салиху, која примаше ампула кејтруда. Имаше земено ампула, што ја немаше на Клиниката. Уште еден пациент, што мене ми се случило, и за него сум земала ампула од канцеларијата на директорот, изјави сведокот.

Докторот принта два извештаја, еден за историја, еден за пациентот, за што сведокот рече дека се сеќава дека имало пациенти на кои биле менувани препишаните терапии.

– Имаше еден пациент за кој ја се сеќавам, во извештајот беше шкртната дозата, која беше помала и напишана во ракопис поголема доза. За пациентот Игор, кој примаше ампула принтуда, приметив дека се повторува во извештаите кои ги правиме на три недела. Не сум лекар, сестра сум, но терапијата се прима на 21 ден, рече сведокот.

На прашање од Обвинителството дали терапијата била примена на Клиниката, сведокот рече дека имало пациент кој терапија примал во Клиничка болница Штип, за што си имал дозвола од доктор за тоа, исто како и за уште еден пациент, за што тие потпишувале дека ги примаат ампулите и потоа се потпишуваат повторно кога ги враќаат празните.

– Можам да кажам за дневна болница, не за Клиниката. Ние правевме, аи се уште правиме попис на неделно ниво на лекови, каде се гледа состојбата. Имаше ситуација пред новогодишниот попис 2022 година, кадешто видовме дека ни фалат 90 ампули гемзарт. Тоа беше баш пред Нова година. Прво се јавивме кај главната сестра, па потоа кај директорот. Кога почнавме на работа после Нова година, на 3 јануари ме повика директорот и ме праша од кога фалат. Му кажав дека правиме попис на неделно ниво и дека на пописот пред Нова година фалат 90 ампули. Имаше и еден случај, кој беше задолжен за спремање на терапија, дојде и кажа дека требуваните лекови зомета, биле оставени на маса во кутија на Работната маса ги снемало. Направивме вонреден попис и потоа дојде полиција. Тоа се два случаи на кои вака се сеќавам, рече сведокот.

На дополнително прашање од обвинителката, дали сведокот знае како биле чувани лековите во канцеларијата на директорот, рече дека не знае.

-Не знам како биле чувани, но со оглед дека беа ладни, најверојатно биле во фрижидер, појасни сведокот.

Прашана дали доколку една терапија е приватно набавена од пациентот тоа би било наведено во историјата, сведокот рече да, тоа ќе биде наведено во медицинската историја на пациентот.

На вкрстено прашање од бранителот на Васев, адвокат Никола Ставрев, дали потписот на директорот Никола Васев единственo значи дека го има на залиха, таа кажа дека потписот на директорот значел дека се одобрува терапијата.

На прашање на бранителот на Нехад Нухи, адвокат Анита Бегова, дали од нејзиниот исказ може да заклучи дека во кабинетот на директорот има аптека, сведокот рече дека аптека не може да има.

-Аптека не може да има. Ама лековите што ги напоменав, јас сум ги земала од таму. Јас кажав дека директорот мене ми ја даде ампулата, а не на пациентот. Не сум видела од каде го земал лекот, рече сведокот.

На потпрашање дали директорот ги добил лековите од пациентот, сведокот рече дека ако бил приватно купен, лекот ќе бил даден од пациентот.

Судот на следното рочиште ќе треба да се произнесе и по барање на одбраната за изземање на вештото лице Елизабета Дамевска Јовановска.

Бранителот на второобвинетиот, адвокат Анита Бегова, рече дека на 13 јули 2017 година е евидентиран престанок на функцијата економски директор, а во текот на истражната постапка и изготвувањето на вештачењето истата е вработена во правно лице во рамки на Клиничкиот центар Мајка Тереза, што извршува услуги за сите универзитетски клиники, меѓу кои и за Онкологија.

– Во РСМ согласно регистар на вештаци од материјално финансиско работење има регистрирани 1216 вешти лица од оваа област. Прашање е зошто, токму од 1216 вешти лица е одбрана Елизабета Дамевска Јовановски, која не може да биде вешто лице во оваа постапка. Дополнително, во 2018 година се пренесени салда од 2017 кога таа била економски директор, а техничкиот советник бил медицински директор на Клиниката, изјави Бегова.

Адвокатот на Васев, реагираше дека станува збор за заговор од поранешниот медицински директор и економска директорка што може да се потврди од два документи кои го достави до Судот и ЈО.

– Од овој документ видно е дека МВР целата постапка ја има започнато со пишување по медиуми, по што изготвил и план за работа од кој е видно дека МВР уште во 2023 година по препорака на Милан Ристовски побарало вештачењето од областа на економијата го изведена тогашниот организациски директор на Клиниката Елизабета Дамевска Јовановска. Оттука очигледно е дека станува збор за подметната работа на МВР, за сега Обвинителството упорно тврди дека се по нејзин избор, изјави адвокатот Ставрев.

Судот на почетокот на денешното рочиште информираше дека одбраната на Васев на 15 септември доставила гаранција до Судот, што ќе биде проследена на одлучување.

Обвинетите Васев и Нухи на минатото рочиште негираа вина за делата кои им се ставаат на товар. Одбраната, тврди дека обвинението против нив е неосновано и политички монтирано врз основа на економско вештачење од лица кои се исто инкриминирани, наведувајќи дека станува збор за претходниот медицински и економски директор на Клиниката кои биле сменети од Васев.

Кривичниот суд во јуни годинава го одобри обвинението против поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и Нехад Нухи, за злоупотреби, измама и проневера во службата од 2018 до 2022 година.

Судењето за случајот „Онкологија 2“, кој се води против поранешниот медицински и економски директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, Нино Васев и Нехад Нухи, за несовено работење и финансиски криминал, продолжува на 9 октомври со сослушување сведоци.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e