Би било наивно да се верува дека новата општествена клима, во ерата на интернетот и на неограничени количества лажни “фејк“ информации, не влијае на на начинот на кој мнозинството луѓе размислуваат и се однесуваат кон реалноста.
Феноменот е без сомнение глобален. Во западниот свет, со појавата на експлозивната кампања на Доналд Трамп, ширењето на информации постојано го засилува интензитетот преку нови, сосема неочекувани канали. Доколку луѓето постојано се хранат, на пример, со податоци дека мигрантите претставуваат сериозен општествен проблем и дека муслиманите се однесуваат лошо, сосема е јасно дека ќе извлечат поинакви заклучоци во споредба со можностите што им се нудат да следат сестрано и објективно медиумско известување. Значи, известување во чии рамки не постојат само лоши и добри, туку цел спектар на настани, појави и нијансирања.
Но во актуелниов миг низа фејк портали, и Фејсбук страни на кои се шират сензационални информации, добиваат далеку повеќе “лајкови“ и се многу пофреквентно посетени, за разлика од етаблираните медиуми. Примери за тоа има многу, при што и пласирањето на лажни вести од Македонија, како што е познато, беа проследени со планетарен публицитет во текот на претседателската изборна кампања во САД. Но такви вести несомнено придонесуваат и во оцрнувањето на состојбите во други земји, а со што во последно време се соочуваат и во Скандинавија. Во декември минатата година големо внимание во пошироката јавност привлече лажен напис дека наводно муслимани вршеле голема нужда и онанирале среде велелепната ренесансна црква во шведскиот град Кристијанстад. Фејкот го напиша и пласира некое момче од Македонија кое добива платено според бројот на “кликови“ и колку што е можно поголема посетеност, а поради што вистината свесно и максимално се искривува и се става во контекст на чувствителните општествени теми кои внесуваат немир и вознемиреност меѓу обичните граѓани. Пласирање на такви лажни вести, за кои очигледно постои голема информативна “глад“, дури и со најдобри намери не би можело да се означи како некакви “алтернативни факти“. Едноставно – лаги. Како и што набрзо се покажа, според изјавите на пасторот и другите редовни посетители на споменатата црква, дека своите црева на мермерниот под во храмот од 12-иот век ги празнеле шведски наркомани, алкохоличари и бездомници, кои, впрочем, им се познати и на надлежните социјални служби во Кристинјастад. Но, како што обично се вели во новинарскиот жаргон, веста е веќе отидена во етереот. Штетата е неповратно направена.
Реториката на омраза е фактор кој во многу нешта значајно придонел кон кршење на човековите права во минатата година, според најновиот годишен извештај на организацијата „Амнести интернешнал“. Голем број лидери во светот ги разединуваат луѓето со својата реторика. Според „Амнести интернешенел“ се гонат безмилосно цели групи од општеството, се посочуваат жртвени јагниња и се шири идејата дека некои луѓе се помалку човечни од другите. Во извештајот се истакнува дека 2016 година била година, “во која циничното користење на реториката ние против нив, на укорите, омразата и стравот доби глобална популарност до ниво невидено од 30-тите години на минатиот век“, кога Адолф Хитлер бил на власт во Германија.
Папата Фрањо во едно интервју при ланската посета на Шведска го употреби изразот “клеветнички тероризам“, или можеби “тероризам на клеветење“, а за што елементи не мора да се бараат пред се во настапите во претседателската кампања зад кои стоеше Доналд Трамп. Поратилеите ширум светот, а и во Македонија, се разбира, се преполни со клеветење, измислици и фабрикувани обвинувања. „Мечот убива многу луѓе, но јазикот убива уште повеќе“, рече папата Фрањо, еден од светските лидери кој се залага за пренесување пораки за некаков вид надеж во светот. Во секој случај, станува јасно и недвосмислено дека тој, подобро од многумина други, го разбира значењето на напорите да се пружи силен отпор на говорот на омараза. И тоа не само во западниот свет.
Човек може да научи, од аспект на критичка дистанца, како да живее со и да ги третира лажните вести. Неопходна е добра волја за тоа. Во спротивно, неконтролираното ширење на реториката на омраза ќе претставува сериозна закана за демократиите да се уништат самите себеси.
Ивица Челиковиќ