Искористеноста на европските ИПА фондови во Македонија може значително да се подобри. Ова е заклучокот на средбата помеѓу вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи со Никола Бертолини, раководител за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Скопје (ДЕУ).
Османи го известил Бертолини дека се подготвува обемен мастер-план, кој ќе биде поделен според итноста на мерките. Ќе се направи ревизија на работата на ИПА структурата за да можат овие пари подобро да бидат искористени.
„Остварив работни средби со министерствата, градоначалниците и други претставници на институции, со цел директно да се информирам за предизвиците и пречките во реализација на проектите финансирани од ИПА“, изјави Османи.
За овие реформи, Османи очекувал поддршка како од делегацијата на ЕУ во Скопје, така и од институциите задолжени за ИПА во рамките на Европската Унија.